Двајца членови на алпинистички клуб загинаа во рудникот „Бучим“ кај Радовиш
Претпладнево две лица загинаа во рудникот „Бучим“ кај Радовиш. Членовите на Алипинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш биле ангажирани за чистење на високо недостапни силоси...

Денес во претпладневните часови се случи несреќа во кругот рудникот за бакар „Бучим“- Радовиш, во работната единица флотација во која животот го загубија двајца радовишани, членови на алпинистичкиот клуб „Плоча“.
Според првичните неофицијални информации, починатите лица биле ангажирани за извршување работни задачи- чистење на високо недостапни силоси. Како настапила смртта, засега нема официјални информации. Вработени во рудникот веднаш по несреќата повикале итна медицинска помош и била укажана прва помош, а лицата се упатени кон ЈЗУ Здравствен Дом – Радовиш и ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде што е констатирана смрт.
По настанатата несреќа, веднаш била формирана и комисја која врши проценка за причината за настанатиот несреќен случај, во согласност со сите законски барања.
Од полициска станица Радовиш велат дека надлежните органи се на терен заедно со јавен обвинител, а резултатите од истрагата ќе бидат дополнително соопштени.
Со соопштение се обратија и од рудникот, од каде велат дека ќе ги чекаат резултатите од истрагата кои ќе бидат дополнително соопштени, веднаш штом ќе бидат достапни наодите. Од „Бучим“ изразуваат искрено и најдлабоко сочувство до семејствата на починатите лица.
Стојне Митева
