Македонија

Самит на „Економист“ за Западен Балкан: Промовирање на европската инклузивност и солидарност

14.10.2021 09:16

Учесници ќе бидат голем број претставници од светската и европската политика, од меѓународните финансиски институции и компании, претставици од владата и од невладиниот сектор. Во фокусот на самитот ќе бидат темите за стабилноста, безбедности и соработката во регионот, процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, како и приоритетите на земјава и на регионот во пост- ковид периодот...

Самит за Западен Балкан во организација на британаски „Економист“ по вторпат се одржува во земјава, годинава на тема „Унапредување на европската инклузивоност и солидарност“.

Учесници ќе бидат голем број претставници од светската и европската политика, од меѓународните финансиски институции и компании, претставици од владата и од невладиниот сектор. Во фокусот на самитот ќе бидат темите за стабилноста, безбедности и соработката во регионот, процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, како и приоритетите на земјава и на регионот во пост- ковид периодот.

На отворањето на самитот свое обраќање ќе има премиерот Зоран Заев, а обраќања најавено е дека ќе имаат и вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, косовскиот премиер Албин Курти и вицепремиерот на Албанија, Арбен Ахметај.

По отворањето на Самитот, вицепремиерот Никола Димитров ќе биде говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“, каде ќе говорат и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер и евроамбасадорот Дејвид Гир.

На панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и соработката во кревка глобална средина“ најавено е дека ќе говорат шефот на дипломатијата Бујар Османи и американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз.

Според најавата, свој осврт на темата „Приоритетите на САД за Западен Балкан“ ќе даде заменик помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Габриел Ескобар.

Во економскиот дел од Самитот на одделни панел сесии ќе говорат министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и економски експерти.

Самитот е еден од клучните настани во регионот во организација на лондонски „Економист“ како светски бренд, што оваа година има за цел да ја истакне потребата од структурни реформи и заемна соработка за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што е во интерес на Европа како целина и справувањето со глобалните предизвици.