Политика

Уште два дена кампања за првиот круг од локалните избори

14.10.2021 09:33

Утре на полноќ почнува предизборниот молк, в недела граѓаните ќе можат да го дадат својот глас за кандидатите за градоначалници и советници.

Остануваат уште два дена од изборната кампања за првиот круг од Локалните избори 2021 на кои кандидатите можат да ги претстават своите проекти и ветувања пред гласачите. Утре на полноќ почнува предизборниот молк, в недела граѓаните ќе можат да го дадат својот глас за кандидатите за градоначалници и советници.

Карванот на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводен од СДСМ денеска е во Кичево, Врапчиште и во Гостивар. ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата „Создади нова иднина“, денеска својата програма ја претставуваат пред граѓаните на Берово, Делчево. Левица е во Чешиново и Карбинци. И независните кандидати продолжуваат со претставање на својата предизборна програма.

Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат пријавените болни и немоќни, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови.

Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на Ковид-19.