Локални избори

Почна дистрибуцијата на доверливиот избирачки материјал

14.10.2021 10:24

Во доверливиот избирачки материјал спаѓаат гласачките ливчиња и посебните изводи од избирачките списоци и тие со обезбедување од полицијата, ќе се дистрибуираат до сите општински изборни комисии...

Државната изборна комисија денеска од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола започна со дистрибуција и доставување на доверливиот избирачки материјал до 80-те општински изборни комисии и Општинската изборна комисија на Град Скопје за локалните избори што ќе се одржат во недела.

Сѐ е подготвено и денес ќе се дистрибуира цел материјал затоа што активностите ги почнавме во раните утрински часови со цел материјалот на време да пристигне во сите општини. Утре ќе ги предадеме и уредите за биометриска идентификација на гласачите во сите ОИК и изборната комисија за Град Скопје. На овие Локални избори има рекорден број на кандидатски листи, а тоа значи и многу материјал кој навреме ќе се дистрибуира, изјави претседателот на ДИК, Даштевски.

Во доверливиот избирачки материјал спаѓаат гласачките ливчиња и посебните изводи од избирачките списоци и тие со обезбедување од полицијата, ќе се дистрибуираат до сите општински изборни комисии. Во доверлив избирачки материјал спаѓаат и уредите за биометриска идентификација, кои полни со податоци и отпечатоци од прсти на граѓаните, во петок, исто така со придружба и обезбедување на полицијата, ДИК ќе ги достави во општинските изборни комисии. Првпат на овие избори полицијата постојано ќе го обезбедува доверливиот избирачки материјал.

Недоверливиот избирачки материјал веќе се дистрибуира до ОИК, а до петок треба да завршат дополнителните обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори за користење на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе управуваат со овие уреди.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 17-ти октомври на 3.480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови.

Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на Ковид-19.