Финансии

Бесими- ММФ: Повисоки проекции за економски раст годинава

14.10.2021 10:40

Во вториот квартал од 2021 година, реалниот БДП забележа раст од 13,1% на годишна основа и со тоа земјата практично излезе од рецесијата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Извозот на добра и услуги се зголеми за 45% на реална основа, a стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна ниво од 15,9%.

Заздравувањето на македонската економија е видливо, на што укажуваат и најновите нагорни проекции на ММФ и Светска банка за економскиот раст годинава од 4% и 4,6%, респективно. Среднорочната фискална консолидација, поддржана преку Планот за фискална одржливост и поддршка на растот, Стратегијата за реформа на даночниот систем, како и Планот за финансирање на растот, се добра основа за зачувување на фискалната одржливост. Воедно, пост-пандемиското заздравување нуди можност за забрзување на транзицијата кон зелена и дигитална економија. Ова беа само дел од заклучоците од средбите на министерот за финансии, Фатмир Бесими со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска и други официјални претставници, одржани во рамки на Есенските средби на ММФ и Светска банка.

На состанокот воедно беа дискутирани и поздравени преземените мерки на Владата за справување со пандемијата, со коишто се овозможува побрзо заздравување на економијата.

Министерот за финансии истакна дека повеќе високофреквентни индикатори упатуваат на економско заздравување. Во вториот квартал од 2021 година, реалниот БДП забележа раст од 13,1% на годишна основа и со тоа земјата практично излезе од рецесијата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Извозот на добра и услуги се зголеми за 45% на реална основа, a стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна ниво од 15,9%.

Министерот за финансии потенцира дека проекцијата на Владата и на Министерството за финансии е годинава растот на БДП да биде 4,1%, но позитивните движења во вториот квартал и случувањата и макроекономските политики во третиот и четвртиот квартал може да придонесат годинава да ја завршиме со повисок раст на БДП од проектираниот.