Самит за Западен Балкан

Заев: Со заедничка соработка до економски просперитетен Балкан, интегриран во ЕУ

14.10.2021 11:33

Премиерот Зоран Заев, кој го отвори самитот, рече дека од голема важност е заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе водат до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, социјалната кохезија, финансиските системи, бизнис партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ...

Економскиот напредок на Западен Балкан во пост-ковид периодот, јакнењето на соработката во регионот, ЕУ и САД, како и иднината на земјите од Западен Балкан во фокусот на отворањето на вториот Самит за Западен Балкан кој се одржува денеска во Скопје, во организација на „Економист“.

Премиерот Зоран Заев, кој го отвори самитот, рече дека од голема важност е заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе водат до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, социјалната кохезија, финансиските системи, бизнис партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ.

На самитот на „Економист“ во Атина, што се одржа во јули оваа година, ја истакнав важноста од економски просперитетен Балкан на 21-от век, интегриран во Европската Унија. Тоа се постигнува исклучиво со заедничка соработка со државите од регионот, Европската Унија, САД и сите пријателски држави, со посветена работа и верба во подобра иднина, нагласи премирот Заев.

Заев истакна оти е горд што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО.

Тоа значи сигурност и безбедност, како и можност за економски развој, инвестиции и економски просперитет. Нашата држава ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од страна на Европската Комисија. Се заблагодарувам на сите држави членки на ЕУ кои ни ја даваат безрезервната поддршка во овој процес, а посебна благодарност за премиерот на Грција за поддршката особено во последните неколку месеци, и за континуираната поддршка на САД, рече Заев.

Тој повтори дека Владата посветено работи на економскиот развој на државата, на отворање нови и подобри платени работни места, преку нови вложувања од нов карактер и фер пазарни услови за инвестирање, како за домашните, така и за странските инвеститори.

Нашите заложби за креирање предвидлив деловен амбиент, воспоставување на механизми за владеење на правото, водење на стабилни економски политики и креирање поволни услови за инвестирање, се веќе потврдени, истакна Заев.