Проширувањето со Западен Балкан мора да продолжи
Изнаоѓањето решение меѓу Софија и Скопје ќе биде силна порака за охрабрување на целиот Западен Балкан, смета премиерот Заев. Тој е оптимист оти по изборите во двете земји, шансите за деблокада на државава ќе се зголемат до 50 проценти. Денеска во Скопје се одржува Самитот на „Економист“ за Западен Балкан. Во фокусот е забрзувањето на интеграцијата на регионов во Европската унија…

Западниот Балкан припаѓа во Европската унија, но Брисел треба итно да испорача конкретни чекори за евроинтеграцијата на регионот, инаку ќе се отворат шанси за влијание од трети земји, порачаа учесниците на самитот на „Економист“ за Западниот Балкан во Скопје. По изборите во Бугарија, за 50 проценти ќе се зголемат шансите за остранување на блокадата од Софија, оцени премиерот Заев. Смета дека е можно решение до крајот на годинава, оти источниот сосед покажува сигнали дека може да прифати постоење на македонски идентитет и јазик.
„Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо“, изјави премиерот Заев.
Евроамбасадорот во земјава, Гир истакна дека на самитот во Брдо лидерите на земјите членки потврдија дека иднината на Западниот Балкан е во Унијата, но дека тие мора да продолжат да работат на реформите, а Брисел на способноста за проширување со нови земји- членки.
„Двете земји ги испорачаа реформите и ЕУ е посветена на ова од март 2020 година. Исто така во инререс на ЕУ е да возврати согласно очекувањата. Мора да работиме на остварување на овие цели, најбрзо што можеме“, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир.
За САД, партнерството со ЕУ останува многу важно, а евроинтеграцијата на Западниот Балкан приоритет.
„Наша фундаментална цел е да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија. Сета работа што ја прават со ЕУ или други партнери, има за цел да помогне во тој процес“, изајви амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз.
За Вашингтон важно е односите со Северна Македонија и други земји од регионот да се базираат на солидарност и заедничка работа за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
Ирина Гелевска
