Битиќи: Македонија и регионот се одлична дестинација за инвестирање
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, денес учествуваше на панелот „Трасирање на патот за раст и развој во пост-ковид периодот“, кој се одржа во рамките на Самитот за Западен Балкан...

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, денес учествуваше на панелот „Трасирање на патот за раст и развој во пост-ковид периодот“, кој се одржа во рамките на Самитот за Западен Балкан, во организација на светски реномираниот магазин „Економист“, кој денес се одржува во Скопје.
Вицепремиерот посочи дека изминатите две години донесоа многу предизвици, дотогаш непознати, за сите земји во светот. Општеството мораше брзо да се прилагодува, да се создаде социјална кохезија помеѓу сите засегнати страни и да се носат брзи и правилни одлуки со кои ќе се намалат негативните ефекти од кризата и ќе се овозможат услови за брзо опоравување и економски раст во пост-ковид периодот.
„Земјите во Југоисточна Европа, особено нашите земји од Западен Балкан, треба да работиме на тоа да се повеќе нашите компании се вклучуваат во глобалните синџири на набавки и на тој начин да се доближуваме до земјите на Европската унија. Со оваа криза се докажа дека синџирите на снабдување, со набавки од далечни земји не се одржливи, и токму тука ја гледаме нашата заедничка шанса“, посочи вицепремиерот.
Битиќи се осврна и на можностите за инвестирање во Република Северна Македонија и нагласи дека нашата земја овозможува навистина добри услови за реализација на инвестиции на сите компании. Тој додаде дека пред четири години, донесена е вистинска одлука на Владата, со која веќе нема разлики помеѓу домашни и странски инвеститори, односно овозможени се исти и транспарентни услови за добивање на државна поддршка за сите компании кои ги исполнуваат критериумите.
