Заев: ТЕЦ „Осломеј“ ќе биде прва енергетска транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот

15.10.2021 10:37

Премиерот Заев во придружба на раководството на ЕСМ, ја посети локацијата на Термоелектраната во Осломеј во Кичево, каде во моментот интензивно се одвиваат градежните активности за изградбата на првата фотоволтаична електрана од 10 мегавати...

Премиерот Заев во придружба на раководството на ЕСМ, ја посети локацијата на Термоелектраната во Осломеј во Кичево, каде во моментот интензивно се одвиваат градежните активности за изградбата на првата фотоволтаична електрана од  10 мегавати.

„На местата на некогашните загадувачи, денес градиме капацитети за производство на чиста и зелена енергија. Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј за неколку месеци треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична електрана. Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана ќе изнесува  15-17 гигават-часови, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства“, истакна премиерот Заев во изјавата за оваа посета.

Проектот е значен, нагласи премиерот Заев, не само од аспект на енергетските вредности, туку и од социјален и еколошки аспект заради фактот што со поставување на фотоволтаични панели над 15 хектари на постоечкиот рудник во околината на РЕК „Осломеј“ се врши рекултивација на земјиштето кое е од големо значење за околината.

Изградбата на Фотонапонската електрана „Осломеј“, е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето, и првите киловати електрична енергија од фотоволтаичната електрана од 10 мегавати, инсталирана на површина на сегашната Термоелектрана „Осломеј“, се очекуваат да протечат во наредните неколку месеци.