Интензивно се гради фотоволтаичната електрана во Осломеј
Премиерот Заев и раководството на ЕСМ ја посетија локацијата на термоцентралата во Осломеј во Кичево, кадешто се гради првата фотоволтаична централа од 10 мегавати. Значително ќе се зголеми производството на струја од обновливи извори, најави Заев. Првите киловати се очекува да протечат во наредните неколку месеци...

За неколку месеци треба да заврши инсталирањето на фотонапонските панели на површина од 15 хектари на постечкиот рудник за јаглен во РЕК Осломеј. Турски изведувач интензивно ја гради првата фотоволтаична електрана од 10 мегавати во сопственост на државната енергетска компанија ЕСМ, која годишно ќе испорачува од 15 до 17 гигават часови електрична енергија.
Практично ова е првиот чекор за целосна енергетска транзиција на една електрана од јаглен кон користење сончева енергија, при што ЕСМ ќе изгради 2 капацитета од по 10 мегавати, а во јавно-приватно партнерство ќе се градат уште две електрани со моќност од по 50 мегавати за што договорите беа потпишани во јуни годинава. Наместо 120 мегавати струја од јаглен, ќе се добива исто количество електрична енергија со искористување на моќта на сонцето.
„Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1% и е во рамките на светскиот просек на зголемување од 10,3% според извештаите на Балкан грин енерџи њус. Во енергетскиот сектор е предидено воведување на еколошки такси на загадувачите и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, во согласност со политиките на ЕУ и обврските од Парискиот договор“, изјави премиерот Заев.
Од јавно- приватното партнерство ЕСМ ќе добива18, односно 18,5% од произведената електрична енергија, а инвеститорите ќе преземат и дел од вработените во ТЕЦ-Осломеј.
„Во новите фотонапонски електрани ќе работат дел од нашите вработени од РЕК Осломеј. Таков е и договорот со јавното- приватно партнерство за 100 мегавати и тоа ќе значи дополнителна сигурност на нашите вработени од РЕК Осломеј“, изјави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Првата целосна еколошка транзиција на електрана од јаглен кон користење сончева енергија во југоисочна Европа е подржана со кредит од Европската банка за обнова и развој. Освен добивање зелена енергија, со проектот се спроведува и рекултивација на земјиштето на некогашните наоѓалишта на јаглен што се користеше во ТЕЦ Осломеј.
Свето Николовски
