Локални избори 2021

Почна гласањето, право на глас имаат 1.824.864 граѓани

17.10.2021 09:04

Во 7 часот беа отворени сите 3.480 избирачки места, а право на глас според избирачкиот список имаат 1.824.864 граѓани. За поголема безбедност на гласачкиот процес за првпат Државната изборна комисија ќе користи посебни уреди за читање на отпечаток на прст.

Денеска се одржуваат седмите по ред локални избори. Во 7 часот беа отворени сите 3.480 избирачки места, а право на глас според избирачкиот список имаат 1.824.864 граѓани. За поголема безбедност на гласачкиот процес за првпат Државната изборна комисија ќе користи посебни уреди за читање на отпечаток на прст.

Вчера веќе гласаа болните и немоќните, лицата во изолација, затворениците, лицата сместени во домови за вонсемејно згрижување.

Гласањето на локалните избори трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.