Локални избори

Гласањето во Охрид и Дебарца без поголеми проблеми

17.10.2021 09:56

Утрово во седум часот во општина Охрид беа отворени сите осудесет и осум избирачки места. Гласањето се одвива непречено и без некои поголеми проблеми,а утрото имаше мало доцнење на само на неколку избирачки места поради несоодветно поврзување на уредот за биометриска идентификација. И во Општина Дебрца изборниот процес започна успешно, но поради проблем со уредот гласањето е во прекин на избирачкото место во Ново Село. Се очекува проблемот да се надмине со нов уред за идентификација...

Изборниот процес на седмите локални избори од независноста на нашата држава во општина Охрид започна навреме,во демократска атмосфера и со мали проблеми. Во избирачкиот список се запишани 52.477 лица кои своето демократско право ќе можат да го остварат на 88 избирачки места. Во трката за градоначалник на Охрид се тројца кандидати,додека кај советничките листи граѓаните ќе можат да избираат помеѓу три независни листи,пет листи на политички партии и три советнички листи на коалиции.

Охриѓани очекуваат победникот на изборите да им овозможи подобри услови за живеење и да ги исполни ветувањата од предизборната кампања.

И во општина Дебарца изборниот процес се одвива во демократска атмосфера. Утрото во седум часот беа отворени 28-те избирачки места,но поради проблеми со уредот за биометриска идентификација гласањето е во прекин до поставувањето на нов уред во избирачкото место во Ново Село. Во општина Дебaрца во избирачкиот список се запишани 4.350 граѓани.

 

Сашо Нелоски