Локални избори

ОДИХР го набљудува гласањето и примената на новата технологија, оценка за изборите утре

17.10.2021 13:18

Локалните избори ги мониторира и ОДИХР со 165 набљудувачи, поделени во тимови од по два члена. Ги следат и проблемите со користењето на апаратите за отпечаток на прст, а ќе престојуваат во земјава пет дена сѐ до пребројувањето на гласачките ливчиња. За вториот круг ќе останат само 20 долгорочни набљудувачи на ОДИХР...

165 набљудувачи од 29 држави ја сочинуваат набљудувачката мисија на ОДИХР за локалните избори. Од нив 126 краткорочни набљудувачи се поделени во тимови по двајца и распоредени на територијата на земјава. Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ побара над 250 набљудувачи од земјите членки, но доби стотина помалку.

„Географски не е голема држава, со над 100 набљудувачи може статистички добро да се анализира спроведувањето на изборите. Задоволни сме што можеме да го правиме ова квалитетно“, изјави Тана де Зулуета- шеф на набљудувачката мисија на ОДИХР.

ОДИХР добиле известувања за проблеми со терминалите за отпечатоци на прсти на некои гласачки места.

„Го набљудуваме отворањето на 54 избирачки места и продолжуваме да набљудуваме. Ова е нова технологија, како и гласачите, набљудуваме како се одвива. Рано е да се даде каков и да е заклучок, но ги забележуваме сите тешкотии и дали има некакви, како и одѕивот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива до крајот на денот“, изјави де Зулуета.

Краткорочните набљудувачи се во земјава пет денови и ќе останат се до броењето на резултатите, по што ќе се вратат во своите држави. 20 долгорочни набљудувачи ќе останат за вториот круг на гласање. ОДИХР и пред денот на изборите ги набљудуваше изборната кампања, работата на ДИК, медиумското известување, изборната регулатива, финансирањето на изборната кампања.

Набљудувачите ќе го следат и вториот круг на локалните избори во општините кадешто нема да се избере градоначалник во првиот. ОДИХР и покрај пандемијата испрати набљудувачка мисија со физичко присуство. Досега според шефицата на мисијата немало заболени набљудувачи кои веќе еден месец се во земјава. Тие строго ги почитуваат мерките за заштита и тоа не влијае на методологијата на набљудувањето.

На овие локални избори покрај набљудувачите од ОБСЕ има набљудувачи и од амбасадите акредитирани во земјава. Нема набљудувачи од Советот на Европа и Парламентарното собрание на ОБСЕ поради пандемијата.

 

Ирина Гелевска