Сурогат мајчинството - пандорина кутија!?
Правниците со резерва за сурогат мајчинството. За нив основното прашање е не како треба, туку дали треба сега да се отвори ова прашање. Основаната дилема е дали со тоа нема да се отвори пандорината кутија.

На денешната јавна дебата,трета по ред, правниците скептични во однос на предлог концептот за сурогат мајчинството на Министерството за здравство.
Според проф. д-р Дејан Мицковиќ од Правниот факултет Јустинијан Први, дилемата е дали еден ваков закон воопшто и треба на Македонија и дали со предлог одредбата -мајка да се нарече ,,нарачателката“ на дететото- се нарушува основаната дефиниција дека мајка е онаа што го раѓа детето.
Мицковиќ смета дека со ова жената се претвора во инкубатор. Сурогат мајчинството во иднина има опасност од егзогенеза, затоа што полесно ќе им биде на мајките инкубаторот за нив да го ,,износи“ детето 9 месеци, што би го однело светот во друг правец.
Бидејќи сите добри пронајдоци во светот се злоупотребени,нема гаранција дека и ова ќе биде како ,,патот до пеколот е поплочен со добри намери“-рече Мицковиќ.
Втора последица би била комерцијализацијата,за која е сигурен дека ќе се случи.Целна група ќе станат најсиромашните слоеви.
Ќе се наруши посвојувањето зашто сите ќе сакаат свој,,генетски“пород. Според Мицковиќ христијанската религија не го одобрува сурогат мајчинството.Руската црква не им дозволува крстење на децата родени од сурогат мајките,ако родителите не се покајат пред Бога во црква. Ја посочи Индија како најлош пример за злоупотреба и комерцијализација на сурогат мајчинството. Неговото лично убедување е дека на Македонија не итреба ваков закон кој ќе отвори повеќе проблеми отколку добробит.
Проф. Ангел Ристев од Правниот факултет Јустинијан Први наброи низа недостатоци во сегашниот концепт и побара прецизирање на правата и на обврските на двете договорни страни. Ја критикуваше опцијата исклучиво право на мајчинство да има жената нарачател. Посочи неколку примери на полиберално толкување на правата на мајчинството. Запраша зошто Германија ,Франција ,Скандинавските земји,кои што се едни од најразвиените демократски системи како и поголем дел европски земји не го прифаќаат сурогат мајчинството, што треба да биде прашалник и за нас. Ристев смета дека голем проблем е контролирањето на сурогат мајката дали додека го носи плодот се однесува одговорно,не пие, не пуши, не се проституира или прави други штетни работи за плодот, а тоа тешко се регулира. Смета дека и наследувањето на родителското право на сурогат мајката ,во случај на смрт на биолошките родители е проблематично, како и одредените надомстоци за трошоци во текот на бременоста.
Бременоста не е производствен процес- смета проф. Александра Дејановска-Трендафилова.Со сурогат мајчинството ќе се отвори пандорината кутија зашто следна фаза нарачатели се невенчаните партнери,разведените, па и еднополовите партнери во вонбрачна заедница-смета Трендафилова.
,,Не треба да дозволиме ова да се претвори во бизнис“.рече министерот за здравство Тодоров-кој исто така е правник.-,,Тоа е најголемиот проблем што можеме да си го направиме како држава. Тоа не смееме да го дозволиме по ниедна цена. Не треба да биде бизнис туку треба да биде висок чин на хуманизам,само како таков е прифатлив и може да биде полезен. Се друго би била сериозна деградација на општеството.“
Скепсата на правниците фрли нова светлина на сурогат мајчинство.
Досега на две претходни дебати позитивно се изјаснија медицинската јавност, психолозите и психијатрите. И граѓаните на Фејсбук можат да ги кажат своите ставови. Министерот смета дека дебатите ќе завршат до крајот на мај и доколку нема екстремно спротивставени аргументи против сурогат мајчинството, предлог концептот дополнет со предлозите ќе влезе во собраниска дебата.
Соња Стојановска
