Локални избори

Во Струга изборите течат без неправилности, пријавени проблеми со уредите за отпечатоци

17.10.2021 14:31

Во Струга изборниот процес тече без неправилности. Единствениот проблем се уредите за читање на отисокот на прсти...

Изборниот процес во струшко тече во мирна, фер и демократска атмосфера, досега не се регистрирани неправилности. Единствениот технички проблем е функционирањето на фингер принт уредите.

Проблеми со читање на отисокот од прсти при гласањето пријавиле повеќе избирачки места во струшко, општина Вевчани и Дебрца.

„Од четворица, тројца не ги идентификуваше. После ДИК донесе одлука и ни рекоа тие што не може да се најдат, да остават отпечаток во списокот. Сега за сега убаво е. Излезноста до 11 часот беше 8,5 %“, вели Јетмир Скендери претседател на изборна единица.

Стружани од новата локална власт очекуваат подобар и поквалитетен живот.

„Кој е најдобар нека победи со своите дела“, вели еден странец.

„Да има работа да се вработат младите, детето е без работа, жената ми е без работа, јас сум болен. Кој ќе победи успех за него“, вели стружанец.

„После изборите очекуваме да биде се во ред се надеваме за подобар град“, вели една стружанка.

До 11 часот најголема излезност во регионот имаше во најмалата општина, во Вевчани регистрирана е 18,61% излезност. Прекин на гласањето имаше во село Лабуништа, каде не работеше уредот за идентификација, па беше заменет со нов. Во општина Дебрца имаше ист случај, но и новиот уред не работеше, па изборниот процес продолжи со УВ ламба.

 

Соња Рилковска