31,8% излезност до 15 часот

ДИК: Ако е потребно гласањето ќе продолжи и по 19 часот

17.10.2021 16:07

Гласањето ќе се продолжи за граѓаните кои ќе се најдат на избирачките места и во дворовите на објектите по 19 часот и тие ќе можат да го остварат своето право на глас, истакна денеска претседателот на ДИК, Александар Даштевски, охрабрувајќи ги граѓаните масовно да излезат и да гласаат на локалните избори...

Гласањето ќе се продолжи за граѓаните кои ќе се најдат на избирачките места и во дворовите на објектите по 19 часот и тие ќе можат да го остварат своето право на глас, истакна денеска претседателот на ДИК, Александар Даштевски, охрабрувајќи ги граѓаните масовно да излезат и да гласаат на локалните избори.

ДИК испратиле мејл до општинските изборни комисии со известување да ги информираат избирачките одбори да им овозможат на граѓаните да гласаат и по 19 часот, ако е потребно.

Гужвите, или како што кажа, успорувањето на гласањето на овие избори е поради многуте страници на Избирачкиот список и многуте листови за гласање, една четвртина од отпечатоците од прсти кои ги добиле не биле со добар квалитет, како и поради мерките за заштита од COVID-19.

За Град Скопје има четири ливчиња, има огромни избрирачки списоци, проверката трае двојно. И таму ќе биде дозволено да се гласа сè додека не гласа и последниот гласач, рече Даштевски.

До 15 часот излезноста на гласачите е 31,8 отсто од добиените податоци од 69, 86 отсто од избирачките места. На овие избирачки места гласале 403.715 гласачи.

Според Даштевски, ова е солиден процент на излезност на гласачите.

Претседателот на ДИК ги соопшти и местата каде што имало прекин на гласањето и наведе дека во седум избирачки места се гласа со УВ ламба и спреј, како до претходните избори.