Мирно и без поголеми застои се одвива гласањето на истокот
Техничките проблеми со биометриските апарати се причина за повремени застои во текот на гласањето и во источниот регион, но процесот на гласање се одвива мирно и во демократска атмосфера.

На истокот од државата гласањето тече мирно и демократски, но присутни се проблемите со апаратите за идентификација. Од ОИК во Штип велат дека проблемите ги решаваат тековно.
Ова е проблем во сите гласачки места, кои во источниот регион се отворени навреме и нема нарушувања на текот на гласањето, освен краткотрајниот прекин во Кочани заради истакнат плакат во близина на гласачкото место. Излезноста е добра, повисока е во помалите општини. Граѓаните со став дека секој треба да даде поддршка на кандидатите за кои смета дека се најдобри за локалната заедница.
Освен проблемот со биометрискиот апарат за идентификација, не се ретки проблемите на граѓани кои заради промена на личната карта ги нема во избирачкиот список. Од ОИК велат дека овој проблем се решава со приговор до нив, во рок од два часа.
Славица Величковска
