Локални избори

Гласањето во пелагониско засега без проблеми

17.10.2021 16:32

Жителите на Општина Новаци досега најрасположени за гласање во пелагонискиот регион. Во најголемата Општина Битола по традиција излезноста зема замав во втората половина од изборниот ден. Локалните избори течат во демократски дух и со веќе констатираните проблеми од технички карактер...

Со излезност од 59 провценти до 15 часот од евидентираните 2.868 граѓани со право на глас, општина Новаци е лидер по излезноста во Пелагонискиот регион. Во најголемата општина Битола, до истиот период правото на глас го искористиле 36,8 од запишаните во единствениот избирачки список.

Излезноста на некои избирачки места далеку повисока од просекот, а бројката на технички интервенции минимална и брзо решлива.

Традицијата на сите избори покажала дека битолчани за гласање се порасположени во попладневните часови. Желбите се да се работи за поубава Битола.

Солидна излезност од 44,93 проценти на четири часа до затворањето на избирачките места бележи и општина Могила.

Во општина Демир Хисар гласале 52 отсто избирачи, но тука поради задоцнетиот почеток гласањето во село Обедник, ќе биде продолжено за два часа.

Стевче Митревски