Македонија

ДИК сукцесивно објавува резултати од локалните избори

18.10.2021 09:04

Додека Државната изборна комисија сукцесивно ги објавува резултатите на својата веб-страница, партиите и од власта и од опозицијата прогласија победа...

Заврши првиот круг од локалните избори. Додека Државната изборна комисија сукцесивно ги објавува резултатите на својата веб-страница, партиите и од власта и од опозицијата прогласија победа.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на последната прес-конференција одржана по полноќ рече дека постојано пристигнуваат нови податоци од гласањето.

Ќе ги чекаме записниците од општинските изборни комисии да дојдат и поради тоа ќе останеме да работиме. Првата можна прилика ќе закажеме нова прес-конференција на која ќе имаме повеќе конкретни резултати, изјави синоќа Даштевски.

До Државната изборна комисија во текот на вчерашниот ден пристигнале вкупно 286 приговори за заштита на избирачко право, од кои 217 се прифатени, 19 се одбиени, а 34 биле неосновани, а 16 приговори беа во процес на обработка. Гласањето е завршено во сите 11 избирачки места во кои беше продолжено, за толку колку што беше прекинот.

ДИК на последната прес-конференција не изнесе податоци за излезноста, а претходно соопшти дека до 18 часот на гласање излегле 49,29 проценти од запишаните избирачи.

СДСМ прогласи победа во првиот круг или сериозно водство во повеќе од 30 општини и Град Скопје. Во општините каде нивните кандидати одат во вториот круг очекуваат сериозна поддршка од коалициските партнери кои во првиот круг настапија самостојно.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, прогласи победа во 20-тина општини, а според аналитичкиот центар на партијата, нивните кандидати се во благо водство во уште 20-тина општини. Во Градот Скопје, според нивните пресметки, води независната кандидатка Данела Арсовска пред кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, а во повеќе од 50 општини очекуваат да имаат мнозинство во Советот, вклучително и победа на градската листа за Скопје.

Од Левица се задоволни од постигнатите резултати на изборите. Нивните кандидати за градоначалници се трети и не влегуваат во вториот круг, но за разлика од минатите избори кога имаа само тројца советници, сега имаат советници во речиси 30-тина општини.

Од ДУИ изразија задоволство од постигнатите резултати, посочувајќи дека уште во првиот круг победиле во три општини – Сарај, Липково и Пласница. Во втор круг одат со голема предност во десетина општини.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива прогласи победа во првиот круг во Дебар и Гостивар, а според нивните информации, нивните кандидати за градоначалници одат во втор круг во пет општини.

Дел од партиите оценија дека изборниот ден минал со низа нерегуларности, додека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека изборен ден минал со незначителен број неправилности, без сериозно нарушување на јавниот ред и мир.