Над 30 општини добиваат градоначалници во првиот круг од изборите
Државната изборна комисија ги сумира резултатите од спроведените локални избори. Досега обработените податоци покажуваат – над 30 општини добија градоначалници уште во првиот круг од изборите...
Четири скопски општини добија градоначалници во првиот изборен круг. Според податоците објавени на веб страницата на ДИК, во наредните четири години, ВМРО-ДПМНЕ ќе управува со Бутел, Кисела Вода и Гази Баба, додека ДУИ има потврден мандат во Сарај. Коалицијата за обнова на Македонија во првиот круг доби градоначалници и во Градско, Босилово, Велес, Виница, Зрновци, Илинден, Јагуновце, Кавадарци, Карбинци, Могила, Неготино, Новаци,Петровец, Прилеп, Сопиште и Свети Николе додека пак Социјалдемократите имаат сигурна победа во Дојран, Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Крива Паланка, Кривогаштани, Струмица и Крушево. Демократската унија за интеграција победата во првиот круг ја однесе и во Липково и Пласница, а Демократската партија на Турците освои градоначалник во Центар Жупа.
Најатрактивната функција, градоначалник на Скопје ќе се решава во вториот круг. Најмногу гласови во првиот круг освои независната кандидатка Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата на Алијанса и Алтернатива, а веднаш зад неа е кандидатот на Социјалдемократите и актуелен градоначалник, Петре Шилегов.
Втор круг ќе има и во скопски Карпош, за две недели ќе се избира и градоначалник на Центар, Чаир и Шуто Оризари.
Од градовите во внатрешноста, актуелниот градоначалник на Гостивар, Таравари во вториот круг ќе се бори за нов мандат. Битка во Куманово ќе има меѓу актуелниот градоначалник Максим Димитриевски и Оливер Илиевски од СДСМ. По вториот изборен круг ќе се знае и кој ќе биде градоначалник на Битола, Охрид, Струга, Кичево, Кочани, Гевгелија, и Кратово.
Анита Димитријевска- Велковска
