Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ со над 50 илјади гласа разлика
Потпретседателот Мисајловски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги победило Социјалдемократите со над 50 илјади гласа разлика, убедлива победа во советите на 40-ина општини и во Градот Скопје. Како што рече, веќе во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ освоиле 21 општина...

Македонија бара промени за подобра иднина. Време е да се обединиме и заедно да ја донесеме, порача на прес-конференцијата потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Ги повика гласачите кои сакаат промени, просперитет и подобар живот, да се приклучат, зашто како што рече, со поделби други користат.
Мисајловски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги победило Социјалдемократите со над 50 илјади гласа разлика, убедлива победа во советите на 40-ина општини и во Градот Скопје. Како што рече, веќе во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ освоиле 21 општина, а уште во 12 општини биле во предност во втор круг. Залудни беа притисоците и заплашувањата, зашто народот победи, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мисајловски.
Огромна победа на народот на Македонија, на гласот на обесправените, на тивкото мнозинство-рече во обраќањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, покрај сите нерегуларности, криминални дејанија, притисоци, поткупи, сепак, уште во првиот круг, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победила во повеќе општини.
Опозицискиот лидер со став-ова не е финална победа туку првиот чекор до нејзе. За просперитетна, напредна и развиена, сигурна, интегрирана Македонија нè чека многу работа, но и обединување, додаде Мицкоски. Тој не ја исклучува можноста, наскоро и за ново парламентарно мнозинство.
Мицкоски најави дека во Чаир застануваат зад кандидатот на Алијанса и Алтернатива, а убеден е во победа на Таравари во Гостивар во вториот круг.
За Тетово, како што рече, очекува доколку Касами јавно побара поддршка, за која претходни изјавиле дека не ја сака, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе размисли, па ќе излезе со став.
Наташа Гркова-Петрушевска
