ОДИХР: Правните недостатоци загрижуваат
Локалните избори беа конкурентни со почитување на основните слободи, но правните недостатоци остануваат загрижувачки - оценка на набљудувачите од ОДИХР по првиот круг од гласањето. На денот на изборите забележале проблеми со биометриската идентификација на гласачите. Наведуваат дека изборната кампања била главно мирна, но дебатите биле засенети од понегативната реторика особено кон жените кандидати...

Локалните избори во Северна Македонија беа конкурентни, со почитување на основните слободи, но правните недостатоци остануваат загрижувачки, е прелиминарната оценка на набљудуваите од ОДИХР за првиот круг од изборите.
Кандидатите можеа слободно да водат кампања и основните слободи беа широко почитувани, но бројните празнини во законот и законските измени близу до денот на изборите ја поткопаа правната стабилност, и најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампањата, оценуваат странските набљудувачи. Забележале проблеми со биометриската идентификација на гласачите.
„Биометриската идентификација на гласачите беше воведена во Северна Македонија за прв пат на овие избори, и иако чекорот генерално беше поздравен како мерка за спречување измама, на временската рамка за нејзина имплементација на национално ниво недостасуваше пилот-проект или сеопфатно тестирање. На самиот ден на изборите, беа забележани чести проблеми со биометриските уреди за идентификација. Процесот на отворање и гласање беше позитивно оценет низ целата земја, но имаше прашања како што се групно гласање, како и процедурални грешки за време на пребројувањето и сумирањето, изолирани случаи на заплашување на кандидатите, како и наводи за притисок врз кандидатите да се повлечат и да купат гласови“, изјави Тана де Зулуета, шеф на набљудувачка мисија.
Според набљудувачите, ДИК се прилагодил на изборните измени, но неговиот капацитет и способност самостојно да ја извршува својата работа била затегната поради недостиг на постојан персонал на клучни позиции.
Изборната кампања била главно мирна, но дебатите биле засенети од понегативната реторика особено кон жените кандидати, наведуваат набљудувачите.
ОДИХР со оценка дека сите медиуми вклучувајќи и онлајн медиумите треба да ги покриваат изборите фер, избалансирано и на непристрастен начин. Велат дека строгото регулирање на вестите на јавниот радиодифузер за време на кампањата ја ограничува нејзината уредувачка независност.
Набљудувачката мисија на ОДИХР останува во земјава и за вториот круг од локалните избори.
Ирина Гелевска
