34 општини добија градоначалници, првиот круг ќе се повтори во Центар Жупа и Маврово и Ростуше
Градоначалници добија 34 општини. ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ девет, а ДУИ три. Државната изборна комисија ги објави првичните резултати од гласањето. Повторување на првиот изборен круг ќе има во Центар Жупа и Маврово и Ростуше. Досега немало приговори од учесниците во изборната трка, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски...

Од досега обработените податоци, градоначалници се избрани во 34 општини. Од нив, во 22 општини новите градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ, во девет општини се на СДСМ, во три општини најмногу гласови освоиле кандидати на ДУИ, соопштија од ДИК.
На вечерашната прес-конференција на Државната изборна комисија, претседателот Александар Даштевски изјави дека Тимчо Муцунски и Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ се новите градоначалници на скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров.
По првиот круг градоначалници добија шест скопски општини, во останатите ќе се оди во втор круг. Претходно беше објавено дека нов градоначалник на Бутел е Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, на Гази Баба- Бобан Стефановски од ВМРО-ДПМНЕ, на Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски од истата партија.
Во вториот круг битка ќе се води за Карпош, Центар, Чаир и Шуто Оризари. Во две општини ќе се повтори изборната постапка поради неисполнување на законскиот услов што пропишува една третина од запишаните гласачи да излезат на гласање.
Станува збор за општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде ќе се повтори гласањето за првиот изборен круг.
