Извештајот за реформскиот напредок ќе биде објавен денеска
Извештаите ќе ги презентира еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пред европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, по што ќе одржи и прес-конференција за медиумите...

Европската комисија попладнево ќе ги презентира извештаите за напредокот на реформскиот процес во шесте земји од Западен Балкан. Извештаите ќе ги презентира еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пред европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, по што ќе одржи и прес-конференција за медиумите.
Секоја година Европската комисија го мери и оценува реформскиот напредок на сите шест земји вклучени во политиката на проширување на ЕУ на Западниот Балкан – од судство, до економија, медиуми, човекови права, и сите други релевантни области за зачленување во Европската Унија.
За Македонија е клучно и овој извештај уште еднаш да ја потврди подготвеноста на земјата за започнување на преговорите за членство со ЕУ, како што тоа повеќе пати е посочено во Европската Комисија и Европскиот Совет.
Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ, поради блокадата на Бугарија за билатерални прашања.
