Нема што да се изгуби
По поразот со 23-36 на гостувањето, нашата најдобра женска ракометна репрезентација денеска ќе го одигра реваншот против Русија во квалификациите за европското првенство.

Поразот убедлив, 13-те голови разлика недостижни за анулирање, но не и причина во реваншот да не се одигра максимално и да се потврди дека во подмладениот состав на селекторот Магдинчев има потенцијал што ќе треба да се надоградува во годините што следуваат. Оптимизмот е основа на спортското натпреварување, понекогаш можеби и нереален, но ако се има предвид дека речиси 40 минути во Ростов нашите ракометарки беа во резултатски приклучок, тогаш нема причина вечер во Кале да не се обидат да одиграат барем за нијанса подобро, иако проблемите се објективни.
Според селекторот Магдинчев, проблемот е во скромниот ростер и бројот на ракометарки што може во одредени моменти достојно да го заменат оние од првата постава. Тоа било и причина за падот во последната третина што русинките знаеле да го искористат. На утрешниот натпревар тактичкиот приод останува ист. Со сигурен напад да се оневозможи главното оружје на противникот, контрите и полуконтрите што се покажале решавачки за исходот во првиот натпревар.
Русинките се свесни дека и реми ги носи на завршницата на европското првенство во Хрватска и Унгарија, победа во Кале значи и прво место во групата за Зборнаја што дополнително ја усложнува работата на нашите ракометарки, но ако се навратиме на минатото кога со голема поддршка од трибините во Скопје потклекнувале и многу посилни репрезентации ете мотив повеќе за нашите ракометарки растоварени од резултатски притисок да одиграат најдобро. Можат ли? Следетего првиот програмски сервис на МРТ , вечер од 17 часот и 45 минути и преносот од евроквалификацискиот натпревар Македонија-Русија. Влезот во Кале е слободен.
