Политика

Мицкоски повика на здружување на опозицијата

19.10.2021 16:50

По првиот круг од локалните, состанок на коалицијата „Обнова на Македонија“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека оствариле убедлива победа со освоени над 55 илјади гласови повеќе од СДСМ, што според него, укажува дека во земјава има сериозно антивладино расположение. Мицкоски повика на здружување на опозицијата...

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите од коалицијата „За обнова на Македонија“ со повик за здружување на опозицијата во вториот изборен круг на локалните избори со цел, како што велат оттаму, промена на власта.

По состанокот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави- остана уште само еден чекор, нова иднина на почитување на вредностите, принципите, на промените, проектите и победите. Откако неуспешно велеа дека се најдобри, денес СДСМ вели дека ќе донесе прогрес. По пет години власт, нивниот прогрес е прогрес на криминалот, корупцијата, прогрес на инфлацијата и цените во маркетите, прогрес на трошоците за живот, рече Мицкоски.

Првиот круг од локалните избори според Мицкоски го покажале антивладиното расположение на граѓаните. ВМРО- ДПМНЕ е недвосмислен победник и по завршување на локалните избори започнуваме со разговори за ново парламентарно мнозинство, рече опозицискиот лидер.

Антиматематика се пресметките на Заев дека е можен пресврт во вториот круг на изборите- коментира Мицкоски, иако сликата е јасна има уште еден круг на овие локални избори. И уште еден чекор до промени и остварување на нашата заедничка нова иднина, рече тој, додавајќи дека во првиот круг од изборите имало поткуп на гласови, полнење кутии, притисоци, уцени.

Го очекуваме тоа во поголема мера и во вториот круг – вели Мицкоски. Тој ги повика граѓаните да излезат во што е можно поголема бројка во вториот круг на изборите бидејќи, како што рече, само со мобилизација и зголемена излезеност може да се победи полицијата на Спасовски, обвинителството на Рускоска и сите оние коишто се закануваат низ Македонија и собираат поддршка за СДСМ и коалицијата којашто ја предводат Социјалдемократите.

Веќе никој не му верува на Заев па, ниту неговите во партија. Заев изгуби и му се случи дебакл, рече лидерот на ВМРО– ДПМНЕ Мицкоски по средбата со коалициските партнери.

Миле Ристески