Евроинтеграции

Вархеји: Почеток на преговори годинава, прашањата меѓу Скопје и Софија итно да се разрешат

19.10.2021 17:02

Европската комисија го објави извештајот за реформскиот напредок на земјава, со нова препорака за почеток на пристапните преговори. Брисел утре и официјално ќе им го врачи документот на македонските власти, откако еврокомесарот, Оливер Вархеји попладнево го претстави пакетот за проширување во Европскиот парламент во Стразбур. Земјава продолжува да ги исполнува условите и ги зголемила напорите за испорачување опипливи резултати, но одложувањето на преговорите има негативни последици врз кредибилитетот на Европската унија, наведува Брисел. Вархји порача дека прашањата помеѓу Софија и Скопје итно да се разрешат...

Европската комисија препорачува почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно побрзо до крајот на годинава. Претставувајќи ги пакетот за проширување, еврокомесарот Вархеји посочи дека двете земји покажале напредок во реформите и дека треба што побрзо да се острани пречката од Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција.

Одложувањето на официјалниот почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија имаше негативно влијание на кредибилитетот на ЕУ поради билатерални прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, што итно мора да се решат. Проширувањето е процес базиран на заслуги . Двете земји покажаа резултати на реформите и ги исполнија условите за почеток на преговорите. Заоа е клучно земјите членки на ЕУ да ја усвојат преговарачката рамка за да првата меѓувладина конференција се одржи што е можно побрзо до крајот на оваа година“, рече еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.

Во најновиот извештај на Комисијата за земјава позитивно се оценува зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во извештајот за земјава се констатира дека е постигнат мал напредок во реформата на јавната администрација. Судскиот систем е умерено подготвен за ЕУ членство. Умерено е подготвена за превенција и борба против корупцијата и одредено ниво на подготовка за борба против организираниот криминал. Генерално, законската рамка за човекови права е согласно ЕУ стандардите.

Северна Македонија покажа одлучност и направи постојан напредок во спроведувањето на европските реформи, вклучувајќи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Земјата треба да го задржи моментумот. Борбата против корупцијата мора да продолжи и натамошните напори за реформа на јавната администрација“, нагласи Вархеји.

Забелешки има за работата на парламентот, каде според Брисел има длабока поларизација. Комисијата оценува дека е потребно зајакнување на улогата на собранието како форум на конструктивен политички дијалог, посебно во делот на реформската агенда за ЕУ.

Комисијата со забелешки и за локалните избори. Според Брисел, не се спроведуваат препораките на ОДИХР и Венецијанската комисија за навремено усвојување на измените на Изборното законодавство. Собранието има добра надзорна улога врз извршната власт, но потребно е парламентот да има зајакнат надзор врз разурнавачките служби.

Напредокот во делот на слободата на изразување е ограничен, се наведува во најновиот извештај. Постигнат е одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Умерено е подготвена за транспортната политика и енергија и одредено ниво на подготовка за животната средина и климатските промени, стои во извештајот.

Се нотира дека договорот со Фронтекс за справување со илегалната миграција е потребен, но е блокиран поради билатерално прашање.

 

Ирина Гелевска