Со новиот Закон за фитофармација се става ред во употребата на пестициди
Со новиот Закон за фитофармација се става ред во употребата на пестицидите во земјоделското производство. Се менуваат и условите за работењето на земјоделските аптеки, односно лицата кои се вработени во нив ќе треба да имаат сертификат за обуки и положен државен испит...

Со Закон за фитофармација за првпат се дозволува законска употреба на живи организми во заштитата од појавата на болести и штетници на растенијата, како што се други инсекти и животни кои се хранат со нив, а истовремено не претставуваат опасност за животната средина.
Со новите одредби се регулира начинот и се дава можност за користење на овие живи организми кај така наречените минорни култури, како што е магдонос, аспарагус, морков и лук. За овие насади досега не постоеше соодветна заштита од болести и штетници, поради што земјоделските производители имаа огромни штети.
Се менуваат и условите за работењето на земјоделските аптеки и се воспоставува законски основ за континуирано следење на безбедноста на храната и храната за животни во целоиот процес на растителното производство.
За првпат ќе се врши сертификација, обука и полагање на државен испит за советниците и лицата вработени во аптеките, со што ќе се гарантира стручноста на кадарот.
Продавањето на многу опасни хемикалии кои се користат како фитофармацевтски производи во земјоделските аптеки за прв пат ќе се забрани. На овој начин се става ред во слободната трговија на препаратот ЛАНЕТЕ и други пестициди со кои се трујат домашните миленичиња и бездомните животни.
Методија Трајков
