Имунизација

Вакцинираните со „Синовак“ и „Синофарм“ трета доза може да примат три месеци по ревакцина

20.10.2021 09:37

За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати шест месеци од ревакцинација.

Вакцинираните со „Синовак“ и „Синофарм“ трета доза може да примаат три месеци по ревакцина, одлучи вчера Националниот Комитет за имунизација. Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот „Фајзер“, а вакцинацијата е без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати шест месеци од ревакцинација.

Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 3.475 дози вакцини, од кои 917 како прва доза, 2.509 се ревакцини, а 49 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 18 октомври вкупно се вакцинирани 799.762 граѓани, ревакцинирани се 763.031, а трета доза примиле 1.197 граѓани.

Вчера беа регистрирани 472 нови случаи од направени 3.431 тестирање или 13,7 отсто, што е во рамки на процентот на заболени од коронавирусот за време на работните денови, кој се движи од 10 до 15 отсто.

Евидентирани беа вкупно 14 починати лица – осум во претходното деноноќие и шест преку системот „Мој термин“ од 18 септември до 12 октомври 2021, и 498 оздравени пациенти, информираа вчера од Министерството за здравство.

Досега во земјата се направени вкупно 1.347.969 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 197.669, бројката на оздравени пациенти е 183.972, на починати е 6.978, а бројот на активни случаи изнесува 6.719.