Започна снимањето на шестата сезона од „Преспав“

19.10.2021 10:24

Од продукцијата велат дека серијалот е во зенитот, а авторскиот тим е подготвен повторно да ја насмее публиката, инспириран од турбулентната општествена реалност што се пресликува во случките во пансионот

Започна снимањето на новата сезона на ТВ серијата „Преспав“. Шестата сезона од популарната серија ќе има нови 20 епизоди реализирани во копродукција на ОХО и МРТ.

Од продукцијата велат дека серијалот е во зенитот, а авторскиот тим е подготвен повторно да ја насмее публиката, инспириран од турбулентната општествена реалност што се пресликува во случките во пансионот

„Минатата година, во лавиринтите на пандемијата, совладувајќи голем предизвик, успешно ја снимивме петтата сезона, што ни даде особена мотивација да продолжиме понатаму. Со тој ветер во грбот, оваа сезона ќе ја реализираме по најдобри сценарија досега, потпирајќи се на интернационалниот сценаристички тим, како и на секој поединец вклучен во продукцијата на Преспав“ – вели продуцентот Пеце Талески.

„Преспав“ има огромен успех и гледаност на бугарската телевизија БТВ, а епизоди од серијата беа прикажани и во Србија во рамки на неколку фестивали за ТВ продукција, што го отвора патот за емитување и на српските телевизиски канали.

Премиерата на новата сезона се очекува во средината на декември.