Со повик за обединување зад неговата кандидатура, Шилегов ја продолжи изборната трка
Со повик за обединување зад неговата кандидатура, за модерно и европско Скопје, Петре Шилегов ја продолжи изборната трка. Очекува успех во вториот круг. Адутот на Социјалдемократите за Охрид, пак, вели ги согледал причините за послабиот резултат и затоа почнал со интензивна теренска кампања пред новата рунда гласање. Кандидатот за Куманово, уверува дека има стратегија, план и средства за реализација на проектите...

Скопјани се силата на градот, вие одлучувате во каков град ќе живеете, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов. Тој побара од граѓаните да се обединат околу гласот за него на локалните избори, а со тоа како што рече, за модерно и европско Скопје. На новата улица „Есенинова“, Шилегов посочи дека таа е од исклучителна важност за скопјани бидејќи преку неа се отвора ново поврзување меѓу Центар, Аеродром и Кисела Вода, а со тоа се растеретува сообраќајниот метеж. Шилегов смета дека и покрај се, ДОМ и ЛДП дале силен сигнал дека остануваат во владината коалиција.
Преку анализа и реални показатели ги воочив пропустите и ги согледав причините за послабиот резултат во одредени урбани и рурални средини. Пораката од граѓаните е јасна, и затоа веќе започнавме интензивна теренска кампања за да стигнеме до секој дом и до секој жител. Потребно е да ги слушнеме сите проблеми, предлози и потреби, затоа што до сега покажавме дека сме посветени на сите подеднакво, преку чесна и одговорна работа – рече кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ, Константин Георгиевски. Вториот круг на локалните избори го гледам како еден нов почеток и моја втора шанса, да продолжиме заедно на патот кон просперитетна иднина за нашиот Охрид, порача Георгиевски.
Во консултација со граѓаните и експертската јавност, како наш носечки проект го нудиме „Мој еколог“. Куманово за четири години ќе биде чист и зелен град. Со паркови и урбани катчиња во секоја населба. Нашата идеа е за секој квадрат нов бетон, двојно повеќе зеленило. Оваа зелена агенда е дел од нашата макропрограма за целиот град – ветува кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Оливер Илиевски. Тој посочува дека има утврдена стратегија, план и средства кој проект од каде ќе започне да се реализира.
Кандидатите за градоначалници од редовите на СДСМ продолжуваат да ги промовираат проектите во својата општина во рамки на изборната кампања.
Миле Ристески
