Локални избори

Османи: Нема ново мнозинство, поддршка за Шилегов

20.10.2021 15:56

Во ДУИ се задоволни од постигнатиот резултат во првиот круг и освоените околу 130 илјади гласови и три градоначалнички места. Од партијата тврдат дека имаат предност и во втората рунда. Шефот на изборниот штаб, Бујар Османи вели дека поддршката за Шилегов е за безбеден и прогресивен град и таа не е поврзана со политички договарања за Тетово...

Нема никакво ново мнозинство, затоа што ова е стабилно и продолжува со посветена работа за доброто на сите граѓани, порачаа интегративците. Оттаму ги повикаа своите гласачи и сите скопјани, во вториот круг да му ја дадат довербата на Петре Шилегов. Османи посочи дека Шилегов ќе биде гаранција за проектите во средините кадешто живеат Албанците. И тоа ќе биде важно за сите граѓани во главниот град независно од нивната етничка и верска припадност бидејќи создавањето на мостови на комуникација, доверба меѓу заедниците го прави Скопје побезбеден, постабилен и попрогресивен град. Така Скопје станува поубав град за сите, додаде Османи.

Повикот е повик за политички вредности,  а не како резултат на политички договарања, тврди Османи. Но, се разбира дека во Тетово очекуваат поддршка од своите партнери, само затоа што таму се единствена партија која нуди сериозна платформа со кандидат којшто  е искусен и може да ја оствари.

Затоа, додаде Османи, им се обраќаат на сите граѓани. Османи најави зајакнување на владеачкото мнозинство со нови пратеници, но не сакаше да открие повеќе детали.

 

Фиљана Кока