Столтенберг: Нашата мисија во Авганистан не беше залудна
Прво заседание на Северноатлантскиот совет на НАТО со физичко присуство во Брисел. Според генералниот секретар Столтенберг, во фокус ќе бидат разгледувањето на состојбата во Авганистан и недоразбирањата со Русија околу нуклеарните арсенали...

Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел расправа за дополнително засилување на колективната одбрана на земјите- членки. Министрите за одбрана ќе разгледаат како Авганистан да не стане повторно засолниште на терористи по преземањето на земјата од страна на Талибанците.
„Нашата мисија не беше залудна. Спречивме Авганистан да не стане безбеден рај за меѓународни терористи и спречивме напади врз некои од земјите- членки во изминатите 20 години. Сега ќе останеме претпазливи и ќе ги зачуваме тие придобивки. Ќе го искористиме влијанието врз новиот талибански режим да се држат до обврските за тероризмот, човековите права и за безбеден премин“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Сојузниците ќе ја разгледаат ситуацијата со Русија по повлекувањето од седиштето во Брисел и предизвикот од руските нуклеарни проектили. НАТО ќе го разгледа својот нуклеарен капацитет и неговото безбедно чување.
Алијансата сака свет без нуклеарно оружје, но без еднострано разоружување, кога земји како Русија, Кина и Северна Кореја не се откажуваат од нуклерниот арсенал.
Министрите за одбрана ќе го лансираат Фондот за иновации за да алијансата остане во тек со технолошкиот напредок, како и првата стратегија за вештачка интелегенција. Сојузниците со претставници на ЕУ, Финска и Шведска ќе разгледаат што можат заедно да направат во време на глобална конкуренција.
Ирина Гелевска
