Светска банка: Економски раст од 4,6% годинава, инфлацијата 2,4%
Светска банка годинава проектира раст на македонската економија од 4,6%, инфлација од 2,4%. Економиите во регионот во просек ќе пораснат за 5,9%...

Светската банка предвидува раст на македонската економија од 4,6 насто и стапка на инфлација од 2,4 проценти годинава - ризици има од бавното темпо на имунизација, затегнатите финански услови и нарушените синџири на снабдување.
Економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, до крајот на година ќе се вратат на ниво пред пандемијата.
Регионот на Западен Балкан се опоравува по рецесијата во 2020 година предизвикана од Ковид-19 благодарејќи на побрзо од очекуваното закрепнување во 2021 година. Изгледите во регионот значително се подобрија при што растот на БДП во 2021 година се предвидува дека ќе достигне 5,9 проценти, по падот од 3,1 проценти во 2020 година.
Во 2022 година растот во регионот се предвидува да биде 4,1 проценти, додека во 2023 година се очекува да изнесува 3,8 проценти. Стапката на сиромаштија во регионот се предвидува да продолжи со надолниот тренд започнат пред пандемијата и да се намали за околу 1 процентен поен на 20,3 проценти, блиску до нивото од 2019 година, стои во извештајот на Светска Банка.
