Здравство

Филипче: Досега ниту едно дете од училиштата не е позитивно на Ковид-19

21.10.2021 13:26

Продолжува скринингот за Ковид-19 со брзи тестови на учениците во средните училишта. Се слектират преку електронски дневник, а претходно се обезбедува согласност од родителите.

Досега нема позитивни ученици од спроведениот скрининг во училиштата, информира министерот за здравство Венко Филипче. Вели тоа е добар знак, но, сѐ уште е рано. Очекува до крајот на неделата да бидат тестирани околу 500 ученици.

„Се тестираат деца во средните училишта во Скопје и во повеќе основни училишта во повеќе градови. Досега нема стигнат позитивен тест на ниедно дете во училиштата, било во основните, било во средните што е одличен знак. Но, да почекаме се уште е рано. Тие родители кои не даваат согласност се оди на алтернатива на друго дете во класот согласно методологијата. Досега некаков отпор нема, не верувам дека ќе има. Апелирам да се свесни родителите дека со земање обичен брис не е никаков ризик и како метода многу ќе научиме за ситуацијата со епидемијата кај нас“, изјави министерот Филипче.

Посочува дека голем е процентот на заболени, невакцинирани лица, а намален интересот за вакцинација. Апелира за имунизација, за заштита на личното здравје, но и на здравствениот систем.

Министерството за здравство соопшти дека ќе го набави лекот Молнупиравир, единствен лек против Ковид-19. Министерството проактивно стапи во контакт со производителот на лекот, компанијата МСД, и за кратко време ќе започнат преговорите за негова набавка, велат оттаму.