НАТО

Шекеринска на состанок на Северноатлантскиот совет, во фокус геополитичките предизвици

21.10.2021 16:43

Почна самитот на НАТО во Брисел, прв со физичко присуство во ек на пандемијата. Спречувањето на тероризмот, врвен приоритет за шефот на алијансата, Столтенберг. Во седиштето на најголемиот военополитички сојуз и македонската делегација...

Состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел за дополнително засилување на колективната одбрана на земјите членки. Министрите за одбрана ги  разгледаа научените лекции од мисијата во Авганистан за да се спречи засолнувањето на терористите во земјата по преземањето од од Талибанците.

„Нашата мисија не беше залудна. Спречивме Авганистан да не стане безбеден рај за меѓународни терористи и спречивме напади врз некои од земјите членки во изминатите 20 години. Сега ќе останеме претпазливи и ќе ги зачуваме тие придобивки. Ќе го искористиме влијанието врз новиот талибански режим да се држат до обврските за тероризмот, човековите права и за безбеден премин“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На првиот состанок со физичко присуство во седиштето на Алијансата во Брисел, министерката за одбрана Шекеринска ги истакна македонските ставови за колективната одбрана и безбедносните предизвици. Се отвора простор за учество на македонски компании во набавките на НАТО.

„Клучните теми се темите кои што секогаш предизвикуваат интерес, а тоа е геополитичките предизвици на Алијансата, соработката со ЕУ но и сите партнери коишто ги споделуваат истите вредности и се разбира главно - политиката за одвраќање на НАТО што подразбира поголема кохезија, поголемо присуство на НАТО и соодветни политики кои што треба да ги формулираме во пресрет на мадридскиот самит“ - рече министерката Шекеринска пред почетокот на состаноците.

Министрите за одбрана го лансираат Фондот за иновации за алијансата да остане во тек со технолошкиот напредок, како и за првата стратегија за вештачка интелегенција. Сојузниците ја разгледаа ситуацијата со Русија по повлекувањето од седиштето во Брисел и предизвикот од распоредувањето на руските нуклеарни проектили.

На вториот ден од состанокот на Северноатланскиот совет со претставници на ЕУ, Финска и Шведска ќе се дискутира за заедничкото дејствување во време на глобална конкуренција.

 

Ирина Гелевска