Енергетика

Повторно ќе се распишува тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола

21.10.2021 17:07

ЕСМ повторно ќе распишува тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола. Петте компании што се јавиле на повикот не ги понудиле бараните количини, изјави директорот на Електрани, Васко Ковачевски. За Осломеј се доставени осум понуди, следува анализа, а потоа и избор на компанија...

Девет компании се јавиле на тендерот на ЕСМ за набавка на јаглен. Доставени се пет понуди за РЕК Битола и осум за РЕК Осломеј, изјави првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски.

За Осломеј се исполнети барањата за потребните количини, следува проценка на останатите сегменти. За РЕК Битола повторно ќе има нов повик, најави Ковачевски. Компаниите не понудиле доволно јаглен.

„За РЕК Битола понудите не ги исполнуваат целосно количините кои се бараа, односно не се нудат доволни количини на јаглен. Од тие причини АД ЕСМ во најкус рок повторно ќе објави повик за РЕК Битола и повторно ќе бара понуди за потребните количини за овој капацитет. Инаку, на повикот пристигнати се понуди за јаглен од три македонски рудници, потоа од рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина“, изјави Ковачевски.

Според Ковачевски во втора фаза следува техничка, комерцијална и економска анализа. Ќе се прави и проверка на пробните количини јаглен кои треба да се достават, а потоа ќе се одлучува за изборот на компанија.

Сунчица Николоска