Создавање на спортски бренд - да, по секоја цена - не
Да играм фудбал како Лео Меси или Кристијано Роналдо, да бидам кошаркар како Мајкл Џордан или Леброн Џејмс, да станам ракометна звезда како Кире Лазаров или Никола Карабатиќ, или во женскиот ракомет како Индира Кастратовиќ ...се дел од соништата на младите, при нивните почетоци во спортот. Од друга страна, ретко која спортска средина во земјава може да се пофали со такви големи имиња во своите редови кои придонесуваат за успешни резултати на клубовите, кои се респектирани на највисоко меѓународно ниво.
Да играм фудбал како Лео Меси или Кристијано Роналдо, да бидам кошаркар како Мајкл Џордан или Леброн Џејмс, да станам ракометна звезда како Кире Лазаров или Никола Карабатиќ, или во женскиот ракомет како Индира Кастратовиќ ...се дел од соништата на младите, при нивните почетоци во спортот. Од друга страна, ретко која спортска средина во земјава може да се пофали со такви големи имиња во своите редови кои придонесуваат за успешни резултати на клубовите, кои се респектирани на највисоко меѓународно ниво.
Последниве години кај нас на клупски план тоа се случува во ракометот, каде што имаме се повеќе спортски асови од светска класа кои настапуваат во нашите клубови. Имињата на Станиќ, Вугринец, Атман, Дибиров, Карачиќ, Лекиќ, Радичевиќ, Суслина и другите во минатото можевме да ги гледаме само на ТВ екраните. Поради нивното присуство сме сведоци како нашите клубови ги полнат салите, но и срцата на многубројните симпатизери гладни за успеси на македонските репрезенти. Изминативе години тоа во континуитет го правеше Металург, но она што се случува вo последно време со Вардар го привлекува вниманието не само на домашната, туку и на пошироката меѓународна јавност.
Вардар е се повеќе прифатен како спортски колектив кој е вистински синоним за успех, препознатлив бренд за македонскиот спорт, преку кој со генерации наназад се идентификуваат младите. Само во последнава година, женскиот ракометен клуб Вардар СЦБТ метеорски се вивна во небесните европски височини, и од дебитант кој мораше да стартува од квалификациите, на импресивен начин стигна до завршницата. Од натпревар во натпревар се повеќе го привлекуваше вниманието на јавноста, која и возвраќаше со се поголема посетеност во спортскиот храм Борис Трајковски, за во последниот настап против Савехоф целосно да ги исполни трибините. Круна на одличната сезона е пласманот на “Фајнал фор“ во Будимпешта, со нескриени амбиции за освојување на континенталната титула на почетокот на мај. Сите кои скептично гледаа на формирањето на овој клуб, со време се адаптираа на победите и блескавите настапи на девојките, и ја создаваат се побројната армија верни симпатизери. Она што Вардарки го прават, неодоливо потсетува на остварувањата на Кометал Ѓорче Петров од минатата деценија, кој успеа да стигне до европската титула, а уште двапати беше во големото финале.
Паралелно со женскиот, расте и машкиот ракометен клуб, кој покрај рекордните 8 шампионски титули и исто толку купови во Македонија, ја игра својата најдобра сезона во клупската историја во Лигата на шампионите. Често бил во еврокуповите, но никогаш на нивото на кое е во моментов, кога се бори за пласман меѓу осумте најдобри против актуелниот шампион Хамбург, и од ден на ден се здобива со се поголем респект во ракометна Европа. Ако во Скопје се враќаше од работ на бездната против гигантите Барселона и ПСЖ, а истото го повтори и против Хамбург во своето деби во нокаут рундата, тоа е доволна гаранција дека клубот може рамноправно да се носи со најдобрите. Без оглед на резултатот од реваншот кај европскиот шампион, патот кон врвот на континенталната пирамида е трасиран. Со актуелниот играчки кадар и со планираните звучни засилувања, реална предикција е дека следната сезона машкиот клуб ќе остварува слични резултати како женскиот.
Со слични амбиции, кои засега изгледаат далечни, почна и проектот со фудбалскиот клуб Вардар, и тоа на долг период. Без оглед на моментните резултати, големите ивестиции допрва претстојат и треба да резултираат со крајната цел, клубот да биде редовен учесник во Лигата на шампионите, а истовремено и расадник на млади таленти од кои најмногу полза ќе има државната репрезентација. За тоа треба време и трпение, но јасно искажаните амбиции и вложувањата се гаранција дека и фудбалскиот клуб се движи кон релации на кои никогаш порано не бил, за кои со години наназад било тешко и да се замисли. Накусо кажано, амбициите се Вардар како спортски колектив воопшто се да стане клуб по примерот на Барселона, која во неколку спортови е лидер, или е меѓу водечките во Европа. И тоа не само на спортски план на остварување на резултати, туку и во смисла на градење на спортската култура во земјава, која ќе биде препознатлива насекаде низ светот. Колку е тоа реално или не ќе покаже времето, но како спортски бренд со огромен број поддржувачи во Скопје, во Република Македонија и во странство, Вардар мора да се стреми кон таквите цели.
Неспорно е дека во развојот и резултатите на еден клуб покрај стабилната финансиска конструкција и добрата визија при менаџирањето, но загрижува односот на навивачите, или поточно, на дел од нив. Засега неколкуте испади се црна дамка на се што се прави во позитивна смисла, и среќа е што не дојде до посериозен инцидент во европските настапи на машкиот ракометен клуб. Двата непријатни случаја во кои беше повредуван најдобриот играч Тимур Дибиров ја прелеаа чашата, и веќе не смее да се допушти некоја слична ситуација во иднина.
Поради една навивачка група, клубот никако не смее да дозволи да страдаат огромниот број вистински љубители на спортот, кои поради можните испади и инциденти и фрлање на разни предмети, се плашат да доаѓаат со своите најблиски, и најчесто отсуствуваат од натпреварите. Затоа клубот мора да изнајде начин да се справи со таканаречените “симпатизери“ од кои истиот има најголема штета. Најдобар пример за пријатна атмосфера во која уживаат сите е последниот меч против Хамбург, каде што иако дел од трибината беше празен, огромната поддршка од вистинските љубители беше на највисоко можно ниво, крајно мотивирачка за ракометарите.
Несомнено е дека без верните симпатизери е тешко да се гради спортскиот успех, но само со коректно однесување и бодрење на својот клуб, а никако по секоја цена.
