Здравство

Расте бројот на ковид- позитивни во Штип

22.10.2021 11:47

Штипската болница се подготвува за евентуален есенски бран на ковид пациенти. Освен модуларната болница, за неколку дена се става во функција и реновираното инфективно одделение, со што капацитетот на ковид центарот во Штип ќе биде над 100 места. Интересот за имунизација со трета доза во источниот регион е голем...

Расте бројот на новозаболени од Ковид- 19 во Штип. Во пораст се и пациентите во ковид центарот, каде се лекуваат 51 лице, од нив 36 на кислородна поддршка. Во нагорна линија е и трендот на амбулантски прегледи, кој вчера изнесуваше 60.

Идната недела се планира да биде ставено во функција реновираното инфективно одделение каде условите за лекување се подобри, а тоа ќе значи и поголем капацитет за ковид пациенти доколку дојде до нов бран, велат од управата на болницата.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека засега не се потврдени кластери во училиштата или текстилните компании, но потенцираат дека и понатаму голем проблем и опасност за ширење на вирусот претставува криењето на контактите од страна на заболените.

Во меѓувреме во вакциналниот пункт во Штип, тече вакцинирањето со трета доза, за што има голем интерес. Според информациите од источниот регион, интересот за имунизација со трета доза е голем секаде, додека за прва и втора доза интересот е слаб.

Модуларната болница во Кочани сѐ уште е празна, 17 ковид пациенти се лекуваат на интерното одделение во кочанската болница. Во источниот регион, најмногу позитивни на Ковид- 19 има во Штип- 193 и Кочани- 126, а во Берово е регистриран само еден заболен.

 

Славица Величковска