УКИМ и КХВ ќе соработуваат во областа на пазарот за капитал

22.10.2021 13:50

Универзитетот и Комисијата се согласија да соработуваат со широк спектар на активности и иницијативи за едукацијата и подобрувањето на знаењето и стручноста со особен осврт на специјалистичките и магистерските студии, како и во делот на сертификацијата од значење за спроведување на едукацијата од областа за пазар на капитал и хартии од вредност...

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Jанкуловски  и  претседателот на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити потпишаа Меморандум за соработка со цел поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и обезбедување достапност на професионална размена на стручност и искуства за професорите и студентите на УКИМ во областа на пазарот на капитал и хартиите од вредност.

Универзитетот и Комисијата се согласија да соработуваат со широк спектар на активности и иницијативи за едукацијата и подобрувањето на знаењето и стручноста со особен осврт на специјалистичките и магистерските студии, како и во делот на сертификацијата од значење за спроведување на едукацијата од областа за пазар на капитал и хартии од вредност, како и слични форми на стручно професионално и академско информирање од областа на пазарот на хартии од вредност и поврзување на теоријата со праксата за потребите на студентите.

УКИМ и КХВ поставија основа за долготрајна партнерска соработка за воспоставување на  стручна неформална едукација за студентите од прв и oд втор циклус на студии во областите на економијата, финансиите, деловното и финансиското право, пазарите на капитал и финансиските инструменти согласно домашните и меѓународните регулативи.

Меѓу другото, за потребите на наставно - научниот процес, може да се изведува практична настава се со цел да им се обезбеди на студентите можност да се стекнат со практични знаења и вештини, како и со работно искуство кое ќе ја зголеми нивната конкурентност и ќе им помогне при вработувањето во иднина.