Влада: Професорот Ѓорѓиев пласира политички пораки кои немаат врска со реалноста

22.10.2021 16:09

Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, информираат од владината прес- служба...

Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа, соопштуваат од владината прес- служба.

Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција. Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество.

Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата, велат од Владата.

Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, нагласуваат од Владата.