Политика

Продолжуваат партиските активности од кампањата за вториот круг од локалните избори

25.10.2021 09:19

Денеска истекува рокот за пријавување за гласање во вториот круг на изборите на лицата со Ковид-19 и во изолација. Болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во изолација, како и затворениците, лицата во притвор и во старските домови гласаат еден ден пред изборите, односно на 30-ти октомври...

Продолжуваат партиските активности од кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржи в недела на 31-ви октомври. Денеска истекува рокот за пријавување за гласање во вториот круг на изборите на лицата со Ковид-19 и во изолација. Болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во изолација, како и затворениците, лицата во притвор и во старските домови гласаат еден ден пред изборите, односно на 30-ти октомври.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, вчера од Кочани ги повика граѓаните да се обединат, околу политиките што гарантираат напредок, економски раст и подобар животен стандард, најавувајќи дека од први јануари минималната плата ќе биде 18 илјади денари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера на средбите со граѓаните на Охрид, Пештани, Рача, Елшани и другите населени места ги повика на голема масовност и на 31-ви октомври да изберат нова иднина, како што рече, „иднина на проекти, победи и на промени“.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на синоќешната средба со жители гостиварското село Дебреше рече дека општините им се потребни за спроведување на зелената агенда, за што е потребна локална поддршка.

Двајцата противкандидати за главниот град, актуелниот и кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ и Коалицијата Петре Шилегов и независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Данела Арсовска, со ветувања за подобар живот на скопјани.

Шилегов оствари средби со граѓани на Бутел каде што потенцираше дека Бутел е општина со најбрз развој во изминатите четири години. Арсовска, пак, на средби со граѓани од Кисела Вода, рече дека Кисела Вода ќе стане урбана населба според програмата што ја нуди.