Поволни услови за есенската сеидба
Временските услови се поволни за почеток на есенската сеидба, велат агрометеоролозите. Претходните врнежите обезбедија доволно влага во почвата, а температурите иако ќе бидат по ниски сепак нема да донесат утрински мразеви. Времето неделава ќе овозможи и продолжување на жетвата на оризот...

Добри вести за земјоделците. По обилните врнежи, сувото време е повеќе од добредојдено за овој период од годината кога есенската сеидба е на почеток. Тоа поволно ќе влијае и врз собирањето на преостанатиот род, особено за жетвата на оризот.
Според управата за хидрометеоролошки работи следуваа повторно денови без врнежи, но со пад на дневните температури кои најчесто ќе се движат во границите од 13 до 17 степени и кои наутро ќе бидат над нулата.
Повремената облачност ќе се одржува скоро во текот на целата недела, особено во утринските часови, па така и температурите се очекува да бидат во границите од 1 до 6 степени, а утрински мразеви не се прогнозираат.
Земјоделските производители барем на почетокот на есенва ќе имаат и оптимални услови за да го дособерат преостанатиот род.
Во моментов влага во почвата има доволно. Временските и почвените карактеристики во наредниот период ќе бидат поволни за интензивно изведување на есенската сеидба, а истовремено и температурните услови се на ниво кое ќе овозможат брзо поникнување и почетен развој на новите посеви и на вегетацијата.
Методија Трајков
