Македонија

Дефицитот на медот ја зголеми цената

25.10.2021 09:59

Климатските промени и дефицитот на медот ја зголемија цената. Во Куманово набавката на мед во моментов изнесува 500 денари. Пчеларите велат можеби за нашиот стандард цената е превисока, но медот го нема...

Кумановските пчелари и годинава не можат да се пофалат со производство на големи количини мед. Во споредба со лани велат годинава е подобра, но далеку полоша од претходните. Ако некогаш ваделе по 100 килограми мед од кошница, сега приносот изнесува само 10 килограми. Велат климатските промени влијаат на регионот, па состојбата мораше да се одрази и на цената.  Набавка на мед во Куманово чини 500 денари. Пчеларот Часлав Ристовски, кој 22 години се занимава со пчеларство, се надева дека ќе се задоволат потребите на локалниот пазар.

„Неспоредливо е полоша состојбата денеска, бидејќи во поранешните години, постарите пчелари што ми кажуваат имало изобилство на мед, климатските услови тоа го дозволувале имало повеќе врнежи, денеска од април до октомври нема ниту капка дожд, што е еден од предусловите за пчеларска паша“, изјави Ристовски.

Од кумановското здружение „Пчела“ потврдуваат дека годинава временските услови не биле во корист на пчеларите. Тие преземаат мерки со кои можат да им помогнат на пчеларите, но велат не можеме многу да направиме против климатските промени.

„Единствено што можеме со посадување на одредени медоносни дрвја, кои во тој период кога недостасува храна за пчели тогаш да има такви дрвја, кои сега оваа година планираме и да им ги поделиме на членовите на здружението, на долгорочен пат, во иднина да ја подобриме за нашите наследници да може да продолжат со подобра паша“, вели Горан Митевски, претседател на Здружение „Пчела“.

Во кумановскиот регион интересот за пчеларство е голем. Здружението „Пчела“ брои над 80 членови. Интерес има и кај помладите, но и кај учениците од земјоделското училиште „Киро Бурназ“.

 

Елена Георгиевска