ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за притисоци од власта во кампањата

25.10.2021 08:50

Уште пет дена до молкот за вториот круг. Партиите во трка по гласови. ВМРО-ДПМНЕ обвинува за притисоци од власта преку полицијата во кампањата. СДСМ го демантираат случајот. МВР ги отфрли обвинувањата како неосновани и најави внатрешна истрага за утврдување на фактите...

Полицајци блиски до владејачката СДСМ за време на кампањата формирале злосторничка група со цел следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ, како и малтретирање и попречување на движењето на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз. За ова на прес конференција информираше Драган Ковачки, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Групата се координирала преку вибер, а во неа имало началници, командири и полицајци, вели Ковачки и додава дека случајот го пријавиле загрижени полицајци од МВР кои не сакале повеќе да учествуваат во злосторничката група. ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителството да поведе постапка.

Од СДСМ го демантираат случајот. Велат дека видат искрена комуникација со граѓаните и ги отфрлаат, како што велат, сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење на луѓе на денот на изборите.

За и овој куп лаги на ДПМНЕ да распука како меур од сапуница, бараме од институциите итна постапка и расчистување на овој случај. Јавноста треба да знае дали било која институција креирала таква група и дали наводните дејствија презентирани на прес-конференција било кога реално се случиле, се вели во реакцијата од СДСМ.

И од Министерството за внатрешни работи ги отфрлаат како невистинити тврдењата на Ковачки.

„Во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. МВР нема креирано таква вибер група и активностите на МВР во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи“, пишува во соопштението од МВР.

МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите бидејќи вибер групи или графички прикази може да се креираат во секое време и од секого, појаснуваат од МВР. Од Министерството додаваат дека засега нема ниту една пријава за дејствија во Прилеп на денот на изборите.

Анита Димитријевска Велковска