„Зимски соништа“ во Филхармонија
Како солист ќе настапи виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, диригент е Конрад ван Алфен од Холандија...

Оркестарот на Филхармонија овој четврток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Зимски соништа“. Како солист ќе настапи виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виола во е-мол, оп. 85 (транскрипција од Kонцертот за виолончело) од Едвард Елгар и Симфонијата број 1 “Зимски соништа“ од П.И.Чајковски.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.
Тимоти Ридаут (1995) е еден од водечките млади солисти на светската музичка сцена. Тој е уметник на новата генерација на „Би-Би-Си“ од 2019 година, a неговите концертни ангажмани оваа сезона вклучуваат настапи со оркестрите во Берлин, Бордо, Салцбург, Симфонискиот оркестар на „Би-Би-Си“. Настапувал со диригенти како Давид Цинман, Силвијан Кембрелинг, сер Андреас Шиф.
Го нарекуваат виолист „чиј тон не може да биде посигурен, и чиј музички инстинкт инспирира самодоверба на секое можно ниво“ , млад изведувач чија изведба се одликува со „солиден тон, совршена интонација, солидна техника и харизма“, но и еден од најдобрите млади виолисти кој постојано воодушевува со своите „возбудливи вибрато тонови“ и талент чија кариера со сигурност ќе биде успешна.
Свири на виола од Перегрино ди Зането од 1565 година.
