Локални избори

ВМРО-ДПМНЕ објави нови пораки- тврдат дека се правел список на возила, се измислувале прекршоци

25.10.2021 12:20

ВМРО-ДПМНЕ објави нови пораки. Опозиционерите тврдат дека бил правен список на возила, се измислувале прекршоци. Очекуваат истрага и конкретни обвиненија, во спротивно велат, по промена на власта ќе се бара одговорност на учесниците во ваквите активности. Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности ги разгледува добиените сознанија. Доколку се утврдат прекршувања на законот, навремено ќе постапат, велат од Обвинителството...

Институциите не смее да се користат за партиски притисоци – опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави нови пораки од вибер групата која во изборната кампања во Прилеп правела, како што велат, црни списоци на автомобили кои треба да се исклучат од сообраќајот, правела листи за гласање, а давала и наредби за физичко следење и пишување измислени прекршоци за луѓе кои не биле симпатизери на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат, лицата од групата биле луѓе на министерот Спасовски.

„Наместо во име на законот, тие делувале во име на партијата на власт. Ваквата параполициска партиска формација во служба на СДСМ вршела брутална злоупотреба, а освен раководството и командирите на Прилепската полиција, во нејзе учествувале и лица од најблиското опкружување на Оливер Спасовски. Оваа група, која според тоа што имаме на увид била под команда на Кире Китаноски од МВР, човек на советникот на Оливер Спасовски, Оливер Лукароски и истата целосно се ставила во партиска функција на СДСМ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ, целосно го негираа случајот. Велат дека во последните пет години граѓаните слободно гласаат и дека луѓето денес се заштитени и преку институциите и преку севкупниот демократски амбиент.

„За и овој куп лаги на ДПМНЕ да распука како меур од сапуница, бараме од институциите итна постапка и расчистување на овој случај. Јавноста треба да знае дали било која институција креирала таква група и дали наводните дејствија презентирани на прес-конференција било кога реално се случиле“, се вели во реакцијата од СДСМ.

По наводите од ВМРО-ДПМНЕ и од МВР демант за вмешаност на полицијата во изборите.

„На денот на изборите, 17-ти октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого“- се вели во соопштението од МВР.

Од Јавното обвинителство велат дека Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности ги разгледува добиените сознанија и доколку се утврдат прекршувања на законот, навремено ќе постапат.

Анита Димитријевска Велковска