Македонија

Антикорупциска сѐ уште се соочува со застој во работата

25.10.2021 11:46

И покрај позитивниот извештај од Европската комисија, Антикорупциска сѐ уште се соочува со застој на работата од државните институции. Велат, упатиле барања за одговор со Јавното обвинителство, ДИК, судови, но не добиле одговор. Повикаа на поголема соработка со институциите надлежни за справување со корупцијата...

И покрај позитивната оценка во извештајот на Европската комисија, Антикорупциска комисија смета дека треба уште да се работи на справувањето со корупцијата во земјава. Само 30 проценти од нивните препораки биле прифатени од институциите. Посочија дека со месеци чекаат одговор од Јавното обвителство, ДИК, судовите за случаи за кои покренале постапка.

„Чекаме за предметот за јавните набавки во ДИК, кој е даден уште во 2019 година, за деталниот урбанистички план предметот е даден уште пред шест месеци и се уште нема разрешница. Сметам дека тоа е од особен јавен интерес, за кој што треба Основното јавно обвинителство да се произнесе, бидејќи има низа такви детални урбанистички планови кои што се донесени на ист начин. Од друга страна сметаме дека оценката на Уставниот суд досега требаше да ја добиеме. Уште летото  го дадовме предметот за оценување на уставноста на законот поврзан со Бехтел и Енка“, истакна Билјана Ивановска- претседател на Антикорупциска комисија.

Постојат обиди за дискредитација и укажувања дека ги надминуваат своите надлежности, велат од Антикорупциска, без да посочат поконретно за кого станува збор. Се пожалија дека на половина од нивниот мандат добиле простории, и сѐ уште нема слух за потребите за вработување на персонал неопходен за ефикасно работење.

Ирина Гелевска