Инспекторатот го испитува инцидентот во училиштето „Панајот Гиновски“
Дисциплинската комисија пред одлука како ќе постапи за инцидентот кадешто наставник физички малтретира ученик во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел. Инцидентот го испитува и Државниот просветен инспекторат...

Истражните органи испитуваат зошто наставникот физички го малтретирал седмоодделенецот. Директорката на основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел која веднаш го пријави случајот во полиција не сака дополнително да коментира. Дисциплинската комисија ќе решава дали ќе има некакви санкции за наставникот по англиски. И инспектори од Министерството за образование се на терен по што, како што велат од ресорот, ќе излезат со детални информации.
Во полициска станица покрај наставникот по англиски, на разговор биле повикани и класниот раководител, директорката, детето и родителите. За случајот известен е и Јавниот обвинител.
Видеото на кое се гледа како наставникот му удира шлаканици на ученикот најверојатно е снимено од соученик на детето.
Инцидентот најостро го осудија и од детската амбасада „Меѓаши“. Педагозите се луѓе коишто треба да им укажуваат други доблести на учениците, а не врз нив да вршат физичко насилство, велат оттаму. И психолозите се категорични дека насилство, посебно физичко, врз децата не треба воопшто да постои, не само во образованието туку и во секојдневието.
Вознемирувачкото видео во петокот се појави на социјалната мрежа „Тик Ток“ на кое што се гледа дека повозрасен наставник удира дете со шлаканица на час. Ова се случило во основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел.
Ана Јосифоска Тодоровска
