Романија повторно воведува полициски час поради зголемениот број случаи на Ковид-19
Романија повторно воведува полициски час поради влошување на состојбата со пандемијата на Ковид-19. Векцинирани се само 35 насто полнолетни граѓани. СЗО изјави дека пандемијата ќе заврши кога луѓето ќе го решат тоа...

Романската влада повторно воведува полициски час во траење од 30 дена и задолжително носење маски на сите јавни места, поради најлошата здравствена ситуација откако почна пандемијата. Полицискиот час ќе биде од 22 до 5 часот. Само 35 насто од полнолетните Романци се целосно вакцинирани против Ковид-19, споредено со просекот на ЕУ од 74 насто. Во просек неделно умираат по 389 луѓе.
„Има многу пациенти кои ги носат од дома, со многу ниски сатурации, со проблеми на респираторните патишта. Многу е тешко да се најде место во болница. Има многу повеќе хоспитализации, приближно двојно во споредба со бројот на отпуштања што ги имаме дневно“, изјави доктор.
„Не сум вакциниран по моја вина. Поради медиумите и сите оние околу мене кои ме советуваа дека нема да биде во ред, но за жал тоа беше грешка“, вели пациент.
СЗО: Крај на пандемијата кога ќе реши светот
Пандемијата на Ковид-19 ќе заврши „кога светот ќе реши да и стави крај, бидејќи сега се достапни „сите алатки“ за борба против коронавирусот, изјави директорот на СЗО, Гебрејсус. Ги повтори апелите за поправедна распределба на вакцините.
Гебрејсус изрази жалење поради тоа што досега „светот не ги користел мудро тие алатки“ и истакна дека со „близу 50.000 смртни исходи во светот седмично, пандемијата е далеку од крајот“.
Марина Ристова
